Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изрази надеж дека опозициските и сите останати пратеници во најбрзо време ќе ги донесат потребните законски измени за воведување на зелена еколошка такса, но доколку се случи блокада тогаш планот „Б“ ќе го кажат граѓаните.
– Дали тоа ќе биде за 15 дена или за еден месец, можеби е работа на денови, но мислам дека ќе бидат донесени и не верувам дека ќе се случи спротивното. Денеска видовме одличен систем кој дава слика колкав е диспаритетот во нашата земја меѓу регионите. Како земја, да имавме претходно доблест и разум, денеска немаше да зборуваме за 0,25 отсто инвестирање во регионите од БДП, туку ќе зборувавме за над еден отсто. Но, бидејќи тоа го немаме, ќе повикам на разум за еколошката такса затоа што значи инвестирање за нашите граѓани, а не инвестирање во што било, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање.
Битиќи посочи дека граѓаните сами ќе си кажат кој е планот „б“, доколку ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива го блокираат носењето на еколошката такса.