По завршувањето на политичкото собрание на Европската народна партија во Брисел, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека премногу долго Македонија е заглавена во европската чекална, а власта на Заев преземала обврски кои не ги исполнува. Тој на маргините на собранието оствари средби со претседателот Пауло Рангел којшто доаѓа од сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ од Португалија, Дејвид Мекалистер којшто е претседавач со Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, но и со претседателот на Европската народна партија – Доналд Туск.
Тој е уверен дека македонскиот народ повеќе не е подготвен на дополнителни отстапки, а тоа е и пораката што ја испратил во Брисел.
„Сега треба Европа да си го испорача ветеното, а тоа е Македонија да почне со преговорите со Европската Унија. Не е тоа датум за Зоран Заев, датум за СДСМ, Бујар Османи и останатите, тоа е за граѓаните во нашата татковина и тие тоа го заслужуваат и тоа го заслужиле со своето однесување изминатите години“, вели Мицкоски.
Запрашан на што се должи повеќекратното одолговлекување на почетокот на преговорите, Мицкоски оцени дека имаме слаба дипломатија и преземени обврски и ветувања.
„Што се’ не зборувале тука нашите перјаници во Владата на Зоран Заев и СДСМ. Нешто тој лично, друго поранешниот министер за надворешни работи Димитров, или сегашниот Османи. Што се’ немаат изнакажано, но за жал нема никаква испорака“, рече Мицкоски додавајќи дека доколку ние бевме со силна економија, или имавме силно образование и здравствен систем конкурентен со европскиот, тогаш аргументите на официјална Софија ќе беа многу послаби.