512
Уште шест тела беа пронајдени под урнатините на зградата во Сурфајд, во близина на Мајами Бич во американската држава Флорида, со што вкупниот број на жртви се искачи на 18.
Две деца се меѓу жртвите, а локалните власти објавија дека 147 лица сè уште се водат како исчезнати, пренесува „Ројтерс“.
Повеќе од 200 спасувачи продолжуваат со потрагата.
Сè уште се испитува што довело до рушење на повеќекатницата пред шест дена, но вниманието е насочено кон структурните оштетувања наведени во извештајот на инженерите од 2008 година, објавен од градските власти на Сурфајд.
Во тој извештај, инженерите утврдиле значителна структурна штета околу базенот во зградата и влошување на цементот во подземната гаража.