Пожарот во западна Канада што избувна среде бран на рекордни горештини ги принуди властите да наредат евакуација на жителите на Литон, во провинцијата Британска Колумбија.
Во тој дел на Канада неделава беа срушени температурни рекорди три дена по ред.
Градоначалникот на Литон, Јан Полдерман, издаде наредба за евакуација и предупреди на Твитер дека пожарот ја загрозува безбедноста на жителите и објектите во овој град со 250 жители, на 153 километри северо-источно од Ванкувер, пренесува АП.
„На сите жители на Литон им се препорачува да ги напуштат своите домови и да одат на безбедно место. Целиот град гори, целото место гори. Само 15 минути откако чадот одеднаш се појави, пожарот беше насекаде“, рече Полдерман, а подоцна во интервју за мрежата Си-Би-Ес тој повтори дека „ситуацијата е тешка“.
Патиштата што водат северно и јужно од Литон се затворени, додека пожарникарите продолжуваат да се борат со огнот.