Воведувањето на БРТ системот на брз автобуски превоз во Скопје е еден исклучително важен и голем историски чекор напред во урбаниот развој на градот, рече на денешната презентација на БРТ системот градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Тој нагласи дека е горд што Градот Скопје почнува нова историја во јавниот транспорт кој ќе гарантира позитивно влијание во заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на воздухот.
Според помошник директорот на Европската банка за обнова и развој од Лондон, Ијан Џенингс, ЕБОР секоја година вложува 250 милиони евра во развој на градски транспортни системи.
ЕБОР и Град Скопје веќе соработуваа при набавката на 33 нови МАН автобуси на гас, изработката на акцискиот план за зелен град, како и на Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз. Сега се радувам на соработката при воведувањето на БРТ во Скопје кој е еколошки проект, пристапен за сите граѓани. Ваков проект кој ќе го трансформира превозот во Скопје бара голема посветеност и соработка – рече Џенингс.
Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата.