Европската комисија денес го одобри планот на Хрватска да потроши 6,3 милијарди евра од дополнителните фондови на ЕУ насочени кон рестартирање на економскиот раст, загрозен од пандемијата на Ковид-19.
Помошта е дел од економскиот стимул на ЕУ во вкупен износ од 800 милијарди евра, кој ќе биде распределен на 27-те членки на блокот.
Како што пишува Ројтерс, Хрватска планира да искористи 40% од вкупно доделените средства за поддршка на климатските цели, вклучувајќи реконструкција на реки и езера, подобрување на управувањето со водите и заштитата од поплави, објави денеска Комисијата.
Дополнителни 789 милиони евра ќе бидат наменети за реновирање на приватни и јавни згради, како и едукација на работници и експерти од областа на енергетиката и реновирање по земјотресот.