Џонсон: Повеќето британски трупи го напуштија Авганистан

од Nikola Popovski
128 прегледи

Премиерот Борис Џонсон денес потврди дека повеќето британски трупи го напуштиле Авганистан, скоро 20 години откако Велика Британија и другите западни земји испратија трупи во земјата да се вклучат во, како што ја нарекоа, „војната против тероризмот“.

Џонсон истакна дека заканата на Ал Каеда за Велика Британија е значително намалена, но избегна да одговори на прашањата дали избрзаното повлекување на британската армија и нејзините сојузници во НАТО ризикува да ги поништи резултатите од скоро дводецениските напори и да им го даде Авганистан на талибанците,кои напредуваат брзо на северните делови од земјата.

Премиерот одби да даде детали за повлекувањето на војската, повикувајќи се на безбедносни причини, но рече дека „сите британски војници кои биле во мисијата на НАТО во Авганистан сега се враќаат дома“ и додаде дека повеќето веќе заминале.

Во последниве недели се повлекоа и повеќето американски и европски армии.

„Ние мора да бидеме реални во однос на нашата способност самостојно да влијаеме на текот на настаните. Ќе бидат потребни заеднички напори на многу земји, вклучувајќи ги и соседите на Авганистан, да им помогнат на луѓето да ја градат својата иднина“, рече Џонсон. „Но, заканата што не донесе во Авганистан е значително намалена од храброста и пожртвуваноста на вооружените сили на Велика Британија и на многу други земји“.

Тој истакна дека Велика Британија се уште е посветена да помогне во постигнувањето мирно решение во Авганистан преку дипломатија.

„Ние не заминуваме. Нашата амбасада во Кабул останува и ние ќе продолжиме да работиме со нашите пријатели и сојузници, особено со владата на Пакистан, обидувајќи се да постигнеме договор“, рече премиерот.

Велика Британија ќе продолжи да го финансира образованието, особено образованието на девојчињата, во Авганистан, рече тој. Исто така, ќе ја поддржи авганистанската влада со повеќе од 100 милиони фунти во развојна помош оваа година, како и 58 милиони фунти за авганистанските безбедносни сили.

Вкупно 150.000 британски војници беа распоредени во Авганистан во последните 20 години, а 457 се убиени, што е поголема стапка на смртност од учеството на Велика Британија во Ирак.

Слични содржини