Австралискиот тенисер Ник Кирјос се повлече од Олимписките игри во Токио, откако организаторите потврдија дека ќе се одржат без публика.
Оваа одлука Кирјос ја објави на социјалните мрежи рано во петокот по локално време, како причина за повлекувањето наведувајќи ја потребата за целосно опоравување и забраната за навивачите да присуствуваат на Игрите.
„Беше мој сон да ја претставувам Австралија на Олимписките игри и знам дека можеби нема да ја добијам таа можност повторно. Но, јас исто така се познавам себеси. Мислата да играм пред празен стадион едноставно не е за мене. Никогаш не била“, изјави Кирјос.
Австралиецот, кој ги пропушти и Олимписките игри во Рио де Жанеиро, додаде дека не сака да го заземе местото на „поздрав австралиски спортист, подготвен да ја претставува земјата“.
„Сега ќе одвојам ова време за да му посветам на моето тело. Со среќа на сите австралиски спортисти и наскоро ќе се видиме на теренот“, рече Кирјос.
Тој го заврши учеството на Вимблдон во третото коло, кога му го предаде мечот на Феликс Оже-Алиасим поради повреда на абдоминалниот мускул.
Олимписките игри во Токио започнуваат на 23 јули.