Француска студија: Делта сојот е отпорен на една доза вакцина

од Nikola Popovski
279 прегледи

Делта сојот на коронавирус, кој се шири побрзо од претходните соеви може да биде отпорен на некои третмани со антитела, па дури и на делумна вакцинација, покажа студија на францускиот институт Пастер.

Истражувачите ја тестирале крвта на луѓето кои претходно биле заразени со Ковид-19, како и на оние кои примиле само една доза вакцини Фајзер или АстраЗенека, заклучувајќи дека овој вид на заштита не е доволен за неутрализирање на овој сој.

Сепак, само по две дози на вакцина, овој сој успеал да биде „нокаутиран“, покажаа резултатите од истражувањето објавено во списанието „Nature“.

Оливие Шварц, авторот на студијата и раководител на одделот за вируси и имунитет на Францускиот институт Пастер, изјави дека резултатите од студијата ги објаснуваат причините за зголемената преносливост на делта сојот, особено во делумно невакцинираните земји.

„Докажавме дека зголемената пренеосливост на делта сојот е поврзана со делумната отпорност на неутрализирачки антитела“, рече Шварц.

Делта сојот ги загрижи здравствените власти поради можноста за брзо ширење. Првпат беше идентификуван во Индија и се прошири во повеќе од 90 други земји.

„Оваа студија покажува зошто вакцинацијата има заштитна улога од делта сојот само по две дози на вакцината. Една доза од вакцината не активира доволни количини на неутрализирачки антитела“, рече Шварц.

Во споредба со алфа сојот, кој за првпат беше откриен во Обединетото Кралство, делта е четирипати помалку чувствителен на антитела во крвта на луѓето кои прележале Ковид-19 до 12 месеци по нивната инфекција.

Поединци кои примиле само една инјекција со вакцина од Фајзер или АстраЗенека биле слабо или воопшто не биле заштитени ниту од делта ниту од бета сојот, што за првпат беше откриено во Јужна Африка.

Сепак, со втората доза на вакцината, одговорот на неутрализирачките антитела е 95%, покажа студијата.

Покрај тоа, антителата произведени од вакцините биле три до петпати помалку ефикасни против делта сојот, во споредба со алфа и бета варијантите на вирусот.

Слични содржини