Хелсиншки: Барањата за правна помош се зголемија по актуализирањето на случајот „Јавна соба“

од Stefanija Kuzmanovska
846 прегледи

Согласно новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој почна да се применува од 6 мај 2021 година, секое физичко лице кое има сознание за постоење на родово-базирано насилство врз жени и семејно насилство е должно да пријави до полициска станица, центар за социјална работа, јавно обвинителство, здружение или С.О.С. линија, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права во разговор за „Локално“.

Оттаму истакнуваат дека надлежните институции се должни да постапат и по анонимна пријава.

„Жртвите може да го пријават семејното насилство и во Хелсиншкиот комитет за човекови права, па потоа ние го пријавуваме насилството и ги придружуваме до надлежните институции“, додаваат од Хелсиншкиот комитет.

Објаснуваат дека центарот за социјална работа е должен да започне постапка веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од добиеното сознание дека е сторено родово-базирано насилство врз жена или семејно насилство и да преземе мерки за заштита на жртвата, согласно со проценката на ризик.

„Пријавувањето на случаи, односно барањата за правна помош значително се зголемија во јануари и февруари 2021 година, веднаш по повторното актуализирање на случајот „Јавна соба“, наведоа од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Жртвите треба да знаат дека не се сами и покрај тоа што сме сведоци дека институциите знаат да потфрлат во нивната заштита. Доколку немаат доверба во институциите, секогаш можат да се обратат во Хелсиншкиот комитет или во некоја друга граѓанска организација која се занимава со оваа проблематика, заклучија оттаму.

Каква е процедурата да се пријави семејно насилство?

-Согласно новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој почна да се применува од 6 мај 2021 година, секое физичко лице кое има сознание за постоење на родово-базирано насилство врз жени и семејно насилство е должно да пријави до полициска станица, центар за социјална работа, јавно обвинителство, здружение или С.О.С. линија. Надлежните институции се должни да постапат и по анонимна пријава. Одговорното лице и раководното лице од институцијата кои вршат дејност од областа на социјалната и детската заштита, вработувањето, внатрешните работи, здравството и образованието, се должни да пријават сознание за постоење на родовобазирано насилство врз жените и семејно насилство до полициска станица или центар за социјална работа.

Жртвите може да го пријават семејното насилство и во Хелсиншкиот комитет за човекови права, па потоа ние го пријавуваме насилството и ги придружуваме до надлежните институции.

Жртвата има право да избере лице кое ќе ја придружува во текот на постапката пред надлежен орган. Придружникот може да биде кое било возрасно лице, освен лицето кое е сторител на родово-базирано насилство и/или семејно насилство во постапката. Па така, во зависност од околностите, жртвата може да биде придружувана и од правниците во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Центарот за социјална работа е должен да започне постапка веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од добиеното сознание дека е сторено родово-базирано насилство врз жена или семејно насилство и да преземе мерки за заштита на жртвата, согласно со проценката на ризик. Полициски службеник секогаш кога има пријава за родово-базирано насилство врз жени и семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство, е должен да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот. Надлежните институции за заштита од родово базирано и семејно насилство, при вршењето на работите од својата надлежност се должни да прават проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзино семејство, проценка на ризик од повторување на насилството со цел управување со ризикот и обезбедување мерки за координирана помош и заштита на жртвата.

Заради запирање на насилството, отстранување на последиците од извршеното насилство и преземање на ефикасни мерки кон сторителот на насилство, заради елиминирање на причините за повторно вршење на насилството, на сторителот на родово-базирано насилство врз жени и жртвите на семејно насилство судот може да му изрече привремени мерки за заштита, наброени во Законот.

Дали за време на пандемијата на коронавирус е зголемен бројот на жртвите кои пријавуваат насилство?

-Во 2019 година во Хелсиншкиот комитет се обратија 31 жртва на родово базирано и семејно насилство. 12 од нив нè исконтактираа телефонски, а 19 се обратија лично во канцеларијата за бесплатна правна помош. 7 жртви беа придружувани од претставници на Хелсиншкиот комитет пред надлежните институции, со цел да го пријават семејното насилство. Во овој дел ви го посочуваме годишниот извештај за состојбата со човековите права во 2019 година, достапен на нашата веб страна.

Во 2020 година, 32 жртви пријавија родово базирано и семејно насилство. Ова покажува дека во текот на 2020 година немаше тренд на зголемување на случаите. Сепак, пријавувањето на случаи, односно барањата за правна помош значително се зголемија во јануари и февруари 2021 година, веднаш по повторното актуализирање на случајот „Јавна соба“. Од почетокот на годинава, регистриравме десетина пријави/барања за правна помош, што е зголемен број во споредба со истиов период минатата година.

Дали се отежнати условите за пружање помош на жртвите поради пандемијата? Доколку да, ќе се изнајде ли решение за тој проблем во блиска иднина?

-Во овој период, имајќи ги предвид ограничените можности за пријавување на семејното насилство, во услови кога најголем дел од времето насилникот е во домот, а движењето надвор од домот е сведено на минимум, од особена важност беше да се создадат нови и креативни решенија за поддршка и заштита на жртвите, со цел да се спречи насилството и неговите фатални последици.

Хелсиншкиот комитет за човекови права за време на пандемијата во ниту еден момент не ја затвори својата канцеларија, на тој начин остана достапен за пријавување на семејно и родово базирано насилство на жртвите во секој момент. Дополнително, се обидовме да обезбедиме и некои алтернативни начини на пријавување на семејно насилство, како веб страници и особено преку социјалните мрежи, а заедно со останатите организации и институции кои работат во ова поле, учествувавме во развивањето на новата апликација за пријавување на семејно насилство „Биди Безбедна“.

Каде, според вас, најмногу е потфрлено во поглед на заштитата на жртвите на семејно насилство?

-Еден од посериозните проблеми кои ние ги лоциравме е некоординацијата и/или недоволната координација меѓу надлежните институции за заштита од семејно и родово базирано насилство. Ова најмногу се однесува на центрите за социјална работа и полициските станици, кои не соработуваат меѓусебе кога жртвите пријавуваат насилство само во една институција. Дополнителен проблем е ненавременото постапување на полициските службеници во случај кога жртвите пријавуваат насилство, што доведува и до фатални последици по нив, како што беа неколкуте случаи на фемициди регистрирани во текот на 2020 година.

Што е она што е клучно да се промени за да се подобри заштитата на овие лица?

-Стапката на пријавување на случаите на насилство се движи околу 14 отсто во Европа, а во нашата земја само 2 отсто од жените кои доживеале насилство од партнер истото го пријавиле во полиција. Ниската стапка на пријавување на семејното насилство е најчесто резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, па дури и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви и нормализирање на насилството како вообичаена појава која е дел од секојдневието. Оттука, од особена важност е да се работи на зголемување на довербата на жртвите на насилство во институциите кои се надлежни да им пружат соодветна заштита. Се уште се соочуваме со непостапување и несоодветно постапување од страна на институциите, како што е полицијата, што многу често доведува до двојна виктимизација на жртвите кои наместо да бидат заштитени се подложени на дополнително преживување на своите стравови што само ја зајакнува недовербата во оние кои треба да ги заштитат.

Воедно, потребно е случаите на насилство соодветно да се евидентираат, бидејќи поради несоодветниот начин на квалификација на случаите на семејно насилство, кои многу често се третираат како прекршоци против јавниот ред и мир наместо како кривични дела, насилниците не ја добиваат соодветната казна, а жртвите се лишени од соодветна заштита, што дополнително може да резултира во зголемен степен на насилство, кое пак може да има фатални последици.

Што би им порачале на жртвите на семејно насилство кои се плашат да го пријават малтретирањето?

-Жртвите треба да знаат дека не се сами и покрај тоа што сме сведоци дека институциите знаат да потфрлат во нивната заштита. Доколку немаат доверба во институциите, секогаш можат да се обратат во Хелсиншкиот комитет или во некоја друга граѓанска организација која се занимава со оваа проблематика и да добијат соодветна поддршка во целиот процес на заштита.

С.К.

Слични содржини