Сагата за Лео Меси се чини дека е при крај. На тоа укажува веста дека шпанската Ла Лига го регистрирала Аргентинецот за следната сезона, непосредно пред истекот на пропишаниот рок за клубовите.
Ова практично значи дека следната сезона Меси ќе ја помине во Барселона, клуб со кој неодамна му истече договорот, што ги зголеми шпекулациите дека може да ја напушти Каталонија. Од тоа, сепак, нема да има ништо, судејќи според потегот на Ла Лига.
Во следните денови, Барса и Меси треба да формализираат нова соработка, веднаш штом таткото на најголемата sвезда на клубот, Хорхе Меси и новиот претседател Жоан Лапорта ги дефинираат финансиските услови на новиот договор, пишуваат шпанските медиуми .
Во меѓувреме, Барселона мораше да достави потврда до администрацијата на Ла Лига дека Меси е играч на Барселона, што во моментот не е (договорот му истече), но фактот дека тој е „внесен“ во книгите на Примера за следната натпреварувачка година значи само едно – дека Барса им „намигна“ на челниците на шампионатот дека договорот со Аргентинецот е само прашање на формалност.
Меси моментално е во Бразил, каде го чека финалето со Бразил на Копа Америка, а тој силно го посакува првиот трофеј со репрезентацијата, па може да се почувствува дека веќе решил сè што е поврзано со продолжението на кариерата пред да замине во континенталниот шампионат на Јужна Америка.
Шпанските медиуми наведуваат дека Меси и Барса ќе ја официјализираат соработката во наредните денови.