Сопствениците на лисабонските ресторани, во тешкотии поради отсуството на голем број туристи кои во лето ја посетуваат главниот град на Португалија, не се задоволни од новата мерка, воведена во саботата, со која е пропишано задолжителен тест или потврда за вакцинација за да може да се седне внатре во локалот.
„Мислам дека би било позитивна мерка доколку клиентите имаат многу поголем број потврди“, рече 48-годишниот Мануел Хорхе Алвеш, сопственик на традиционален португалски ресторан во Лисабон.
„Но, сега ги имаат само 2 милиони Португалци, и немаме побарувачка од туристи, бидејќи патувањата се ограничени“, додаде тој.
Од саботата, во Португалија е на сила мерка дека оние кои сакаат да јадат во кафеани во 60 општини со голем број на заразени, прво мора да прикажат потврда за вакцинација, негативен тест на коронавирус или доказ дека прележале Ковид-19.
Клиентите во рестораните мора да користат европска дигитална ковид-потврда, пренесува Ројтерс.
Десетмилионската држава имаше 3.162 нови случаи на инфекција со коронавирус во саботата, со шест смртни случаи, бројки слични на февруари кога државата беше ставена во карантин.
Според сегашните мерки, рестораните во ризични области мора да се затворат во 22:30 часот и да го ограничат бројот на луѓе на масите на шестмина надвор и четворица внатре.