Литванија одобри масовно притворање на мигранти

од Nikola Popovski
231 прегледи

ЛИТВАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ денеска го одобри масовниот притвор на мигрантите и го ограничи нивното право на жалба, потег насочен кон одвраќање на голем број луѓе кои ја минуваат белоруско-литванската граница, кој веднаш предизвика критики од групите за човекови права.

Осумдесет и четири пратеници го поддржаа предлог-законот, додека еден беше против, а пет беа воздржани.

Зеленото светло на парламентот предизвика критики од Црвениот крст и други невладини организации, кои изјавија дека Литванија ги крши меѓународните обврски и правата на мигрантите.

„Овие не се вистински азиланти“

Литвански и европски претставници ја обвинија Белорусија дека користи илегални мигранти како политичко оружје за да изврши притисок врз ЕУ, поради санкциите воведени од блокот кон Минск.

Повеќе од 1.700 лица влегоа во Литванија од Белорусија оваа година, од кои 1.100 само во јули.

Премиерката Ингрида Симоните изјави дека новата политика ќе ги спречи илегалните мигранти да доаѓаат во ЕУ, каде што многумина сакаа да влезат во последните години во потрага по подобар живот.

Целта на законот е „да се испрати порака до Ирачаните и другите дека тоа не е соодветна рута, условите тука нема да бидат добри“, рече министерот за внатрешни работи Агне Билотаит.

Таа истакна дека овие мигранти не се вистински „баратели на азил“, туку „алатки против Литванија“ од белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој вети одмазда за санкциите на ЕУ воведени по насилното запирање на уличните протести.

Ограничување на правото на жалба

Новиот закон забранува, меѓу другото, ослободување на мигрантите од притвор шест месеци по пристигнувањето и го ограничува нивното право на жалба во случај на одбивање на барање. Тие можат да бидат депортирани додека се разгледува нивната жалба. Повеќето од нивните права, како што се правото на толкувач или информации за статусот на нивниот процес, се одземени.

„Законот е потенцијално кршење на човековите права и не е во согласност со европските директиви“, рече Егле Самуховаите, директор на програмата на Црвениот крст на Литванија.

Малата балтичка земја со 2,8 милиони жители е навикната на помалку од 100 илегални мигранти годишно и се обидува да го реши последниот бран.

Слични содржини