Ранѓеловиќ: Одолговлекувањето на спорот со Бугaрија е опасност која ја храни омразата помеѓу двата народа

од Берта Китинска
520 прегледи

Бугарија навлегува се подлабоко во политичка криза, што дополнително го компликува интегративниот пат на Македонија. Имено, во една ваква политичка небитница во која се наоѓа Бугарија, неизбежно е да расте и антагонизмот на бугарската јавност кон Македонија, вели во разговор за „Локално“, политикологот и политички аналитичар, Иво Ранѓеловиќ.

Убавината на политиката, според Ранѓеловиќ, е во нејзината неегзакност, бидејќи таа отвара можност за меѓународниот фактор да интервенира преку поддршката за формирање на влада која би можела наскоро да го крене ветото.

-Сепак, извесноста на ваквиот развој на настаните е безмалку невозможна пред трети избори во Бугарија. Дотогаш, македонската дипломатија би требало да се реориентира кон Вашингтон и Брисел, објаснува тој.

Во однос на изјавата на бугарскиот претседател Радев кој кажа дека самите треба да си ја кренеме блокадата префрлајќи ја целата вина на македонската страна, аналитичарот смета дека позади оваа небулозна изјава се крие јасниот контекст на бугарската моментална политика како што објаснува „противење на американските интереси“.

-Ветото на кое Бугарија инсистира е вето на американските интереси во Бугарија и на Балканот. Субјективно би било да констатираме дека Бугарија повторно се позиционира на погрешната страна на историјата, но објективно е да веруваме дека САД е гарантот на просторот за решение на овој спор, смета политикологот.

Решение не е можно во септември без разлика дали ќе има политичка влада во Софија или не, објаснува Ранѓеловиќ, додавајќи дека пасивноста на Брисел по португалскиот предлог е иницирана од внатрешните проблеми на унијата, а со тоа и прераспределбата на приоритетите.

-Техничката влада во Софија го злоупотребува овој факт и во моментов ја ужива привилегијата да не носи политички одлуки, коментира, аналитичарот.

Одолговлекувањето на спорот е најголемата опасност

Најголемиот пораз за бугарската политика, вклучувајќи ја и онаа на Трифонов, е неизлезноста на бугарското гласачко тело. Додека шоумени како Трифонов мечтаат за вселената, две третини од бугарските гласачи одбиваат да дадат поддршка за било која политичка опција во таа земја. Затоа сметам дека бугарската политика не е спремна да изнајде решение за спорот со Македонија, без при тоа да биде вклучен меѓународниот фактор, коментира Ранѓеловиќ.

Според него најголемата опасност која ја храни омразата помеѓу двата народи е одолговлекувањето на спорот.

-Сметам дека политичарите, како лидери на општествениот поредок треба да покажат совесност и карактер кога практицираат политичка култура. Доколку продолжат со ваквата реторика на примитивизам, кога границите ќе се кренат, младите повеќе нема да бидат тука, објаснува политикологот.

Во однос на изјавата на професорот на универзитетот во Грац, Флоријан Бибер дека доколку Бугарија реши да ја крене блокадата, следна блокада за С.Македонија може да дојде од Париз, Ранѓеловиќ вели дека ако се поведеме од логичното следство на настаните, тогаш ова не е реално сценарио.

-Прво, евентуалното кревање на ветото од Бугарија би бил принуден чекор, потиснат од страна на ЕУ и САД како резултат на стратешки интерес на Западот, а не на Бугарија или Франција. Понатаму, претседателските избори во Франција немаат допирна точка со блокадата врз Македонија, но и генерално во француската политика никогаш не постоел суштински фокус кон Македонија. Последно, но не и по својата важност, е фактот дека приклучувањето на земјите од Западен Балкан е од наднационален интерес и е предмет на висока политика во Брисел и Вашингтон. Во Франција, но и во многу земји од „Првиот свет“, лесно се менуваат политичките чинители, но тешко се менува политиката кон светот, коментира тој.

Б.М.

Слични содржини