Претседателот на ДИК, Александар Даштевски денеска соопши дека компанијата „Дермалог“ е избрана за да направи набавка на техничката опрема за спроведување на локалните избори.
-На 1 јули заврши постапката по јавната набавка за биометриска индентификација на гласачите со отпечатоци од прст и се пријавија четири компании. Евалуацијата на компаниите заврши вчера и по завршување на постапката Комисијата за јавни набавки ми предложи една компанија за која донесов одлука да биде избрана.Компанијата е германска и сега трае рокот за жалба, што трае десет дена. До завршување на тој рок, продолжува постапката. Се надевам дека ќе заврши и тоа како што треба, бидејќи тоа не е во наша надлежност и дека сме еден чекор поблиску до остваруање на нашето мото еден гласач еден глас, истакна претседателот на Комисијата.
Во однос на тоа какви се гаранциите дека податоците на граѓаните нема да бидат злоупотребени, тој нагласи дека гаранциите се предвидени во самиот тендер и може да се прочитаат во спецификацијата.
-Податоците ќе се внесат од страна на МВР и после ќе се вратат назад. Не можат да бидат злоупотребени бидејќи опремата е во наша сопственост, изјави Даштевски.
Рокот за достава на техничката опрема, како што информираше тој, е 60 дена, има време до крај на септември да стигне опремата.