Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на настанот по повод почетокот на работите на кружните сообраќајни решенија на крстосниците на булеварот „8 Септември” со улицата „Скупи” и на клучката на булеварот „8 Септември” со булеварот „Никола Карев”.
На настанот премиерот Заев беше придружуван од заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје како инвеститор на работите на овие сообраќајни решенија и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
„Едното решение е кружниот тек на булеварот „8 Септември” со улицата „Скупи” и второто кај клучката на булеварот „8 Септември” со булеварот „Никола Карев” со екстензија кон булеварот „Словенија” и со делницата на идното автопатно решение во делот на индустриската зона „Визбегово”.
Кога ќе бидат завршени овие две сообраќајни решенија кои опфаќаат и два моста на реката Серава и дополнителни коловозни ленти и крстосници, ќе се обезбеди лесен и со ништо непопречуван проток на преку 25.000 автомобили дневно колку што изнесува фреквенцијата на овие булевари.
Освен модерните и функционални сообраќајни решенија и изградбата на патната инфраструктура според највисоки стандарди со овие зафати ќе се осигура поефикасно меѓуопштинско поврзување на Општините Центар, Чаир, Карпош и Општина Бутел“, изјави тој.