„Тесла“ најверојатно повторно ќе започне да прифаќа биткоин како средство за плаќање, кога ќе изврши длабинска анализа на количината на обновливи извори на енергија што се користи „за ископување“ на таа валута, рече основачот и директор на тој американски производител на електрични автомобили, Елон Маск.
Тој предизвика пад на цените на биткоинот во мај, кога рече дека неговата компанија ќе престане да прифаќа криптовалута како средство за плаќање, бидејќи огромни количини на електрична енергија, претежно произведена од фосилни горива, се користат за време на „ископувањето“ на биткоинот, потсетува британскиот весник „Гардијан“.
Сепак, коментарите на Маск на вчерашната конференција предизвикаа скок од осум проценти на биткоинот на 32.160 долари.
„Сакав длабинска анализа за да потврдам дека процентот на употреба на обновлива енергија е најверојатно 50 проценти или поголем и дека постои тренд на зголемување на тој број, и ако тоа е случај, „Тесла“ ќе продолжи да прифаќа биткоин“, рече Маск.
Некои инвеститори во „Тесла“, заедно со екологистите, се повеќе критикуваат на начинот на кој „се ископува“ биткоинот со употреба на големи количини електрична енергија произведена од фосилни горива.
Сепак, се повеќе „рудари“ на дигитални валути се обидуваат да користат обновлива енергија за да ги ублажат негативните ефекти врз животната средина.