Најмалку 57 лица се удавија денеска откако нивниот брод се преврте во близина на либискиот брег, што е последната во низата трагедии на Медитеранот, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
– Најмалку 57 мигранти се удавија денес во бродолом близу Комс – прецизира ИОМ.
Градот Комс се наоѓа на околу 120 километри оддалеченост од Триполи, на либискиот брег.
Според преживеаните кои на брегот ги пренеле рибарите и крајбрежната стража, „најмалку дваесет жени и две деца беа меѓу оние што се удавија“, сподели портпаролот на ИОМ, Сафа Мешели на Твитер, повикувајќи се на „друга трагедија на таа опасна рута“.
ИОМ не споменува од каде потекнуваат мигрантите, но фотографиите објавени од организацијата, на кои се гледаат хуманитарни работници кои дистрибуираат вода и храна на исцрпените луѓе, покажуваат дека станува збор за луѓе од субсахарска Африка.
Бројот на бродови кои пренесуваа мигранти кон Италија и другите делови на Европа од Либија и Тунис се зголеми во последните месеци, кога пристигна подобро време.
Стотици илјади тргнаа на овој опасен пат во последните неколку години, многумина бегаа од конфликти и сиромаштија во Африка и на Блискиот исток.
Според ИОМ, бројот на мигранти убиени на море оваа година е двојно зголемен. Речиси 900 од нив го загубија животот во Средоземното море во 2021 година.