Бројот на нови случаи на коронавирус во Турција денеска беше 22.291, што е најголем број од почетокот на мај, според податоците на Министерството за здравство од Анкара, додека бројот на починати пациенти е најголем во последниве шест недели – 76.
Турција помина низ силен пандемски бран во април, кога бројот на заболени се искачи на 63.000 дневно.
Најмалку имаше по завршувањето на заклучувањето, кога на 4 јули беа регистрирани 4.418 пациенти, а потоа следеше зголемување.
Ројтерс додава дека најновото зголемување доаѓа по празникот Курбан Бајрам, кој траеше од 19 до 23 јули, кога многу Турци ги наполнија плажите.
Бројот на пациенти е поголем во источните региони, каде што бројот на вакцинирани е помал од националниот просек.
Министерот за здравство Фахретин Коча изјави дека 87 проценти од новите случаи се меѓу луѓе кои не се целосно вакцинирани, а бројот е уште поголем кога станува збор за хоспитализации – 95 проценти од луѓето не се вакцинирани.