Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, со ребаланс на буџетот му додели 2 750 000 денари на ФК Воска, фудбалски клуб во сопственост на Нефи Усеини. Во една ваква тешка економска ситуација со која е соочено скоро секое охридско семејство, наместо да се одделат средства од буџетот на општината за решавање на социјални проблеми на граѓаните, градоначалникот расипнички ги троши парите на охриѓани, финансирајќи приватни спортски клубови, овој пат спортски клуб на човек од бизнис елитата, контроверзниот Нефи Усеини, градежник со најголем број дивоградби во Охрид, стои во партиското соопштение на Левица.
Според нив, се има впечаток дека со децении главниот охридски инвеститор, познат и по тепање инспектори, е градоначалник во сенка во Охрид.
-Останува градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, СДСМ Охрид и Советот на општина Охрид да дадат објаснување зошто парите на охриѓани се трошат на ваков расипнички начин и тоа пред избори? Дали и овојпат Нефи Усеини и избирачкото место Далјан, со полнење на гласачките кутии ќе одлучат за исходот на локалните избори? Дали овие средства од буџетот на општината издвоени за ФК Воска всушност треба да бидат дел од предизборниот поткуп на Нефи Усеини?“, прашуваат од Левица.