Лионел Меси нема да се појави на тренингот на Барселона. Според шпанските медиуми, Аргентинецот нема да се појави во тренинг кампот на каталонскиот клуб додека не потпише нов договор.
Потсетуваме, Меси е слободен играч од 1 јули, и иако постигна договор да потпише нов петгодишен договор со Барселона, тоа се уште не се случи. Се шпекулираше дека треба да потпише на 2 август, но тоа не го стори, па сега нема ни да тренира со клубот.
Наводно, Меси се согласил на драстично намалување на платата од дури 50%, но и тоа не е доволно Барселона, која е во финансиски проблеми, да го ангажира својот (поранешен) капитен.
Барселона ќе мора да смисли начин како да го регистрира Меси, а целта на Каталонците е се да биде подготвено до 13 август за да може да се регистрира за првиот натпревар во новата сезона во Ла Лига. Барселона го игра првиот натпревар на „Ноу Камп“ против Реал Сосиедад, а тој натпревар е закажан за 15 август.
Каталонците исто така имаат проблеми да ги решат случаите со Серхио Бускетс, Жерар Пике, Серхи Роберто и Жорди Алба, кои не се согласија за 40% намалување на приходот колку што бараше клубот.