Германија ќе започне со давање трета доза вакцини против коронавирус во септември за ранливи групи на население и вакцинација на деца постари од 12 години, објави синоќа министерот за здравство, Јенс Шпан.
Како што рече тој по состанокот со министрите за здравство на сите германски провинции, третата доза ќе биде со вакцините на Фајзер и Модерна, а нема да мора да биде иста со онаа што е веќе примена.
Шпан посочи дека земјата има доволно вакцини за сите возрасни групи и дека секој што сака може да биде имунизиран во текот на летото.
Во Германија, нешто повеќе од половина од возрасната популација е целосно вакцинирана, а околу 62 проценти добија барем една доза.