Европскиот совет го одби пристапот до документи од секаков вид и на кој било достапен јазик што се однесуваат на наводниот словенечки „нон-пејпер“ и можни словенечки иницијативи во врска со прецртувањето на границите на Западен Балкан и дискусиите на оваа тема, потврдено е за РСЕ од Европскиот совет.
Како што за РСЕ изјавил Владас Кукулскис од прес -службата на Генералниот секретаријат на Европскиот совет, било одлучено да се одбие пристапот бидејќи објавувањето на таквите документи ќе ја наруши заштитата на јавниот интерес во однос на меѓународните односи.
Имено, РСЕ побара од Советот информации дали Советот го одбил пристапот до документи поврзани со наводниот „нон-пејпер“ што словенечкиот премиер Јанез Јанша наводно му ги доставил на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на почетокот на годината, како што објавија некои медиуми.
Во почетокот на јуни, австриските власти за официјалната агенција АПА потврдија дека постои документ поврзан со наводниот словенечки „нон пејпер“ за промена на границите на Западен Балкан.