Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, капитенот на аргентинската репрезентација Лионел Меси (34), по повеќе од 20 години во каталонскиот гигант Барселона, ќе мора да го напушти клубот поради – финансискиот „фер-плеј “.
Претходно вечерва, Барселона објави дека нема да потпише нов договор со Меси поради „економски и структурни пречки“.
Претходниот договор на Меси со Барселона истекуваше во јули и можеше да бара нов клуб како слободен играч, но неговата желба и желбата на клубот беше да остане во Барселона, каде што пристигна како 13-годишното момче. Меси дури се согласи да ја преполови својата плата, а остануваше Барселона да го усогласи новиот договор со прописите на финансискиот „фер плеј“ на Ла Лига.
Бидејќи долгот на Барселона изнесува повеќе од милијарда евра, се покажа дека е невозможно да се усогласи новиот договор на Меси со правилата во Ла Лига.
– И покрај фактот дека Барселона и Лионел Меси постигнаа договор и дека двете страни имаа јасна намера да потпишат нов договор, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки. Како последица на оваа ситуација, Меси нема да остане во Барселона. Двете страни длабоко жалат што желбите на играчите и клубот на крајот нема да бидат исполнети. Барселона со цело срце изразува благодарност до играчот за неговиот придонес во проширувањето на клубот и му посакува се најдобро во идниот личен и професионален живот – објави Барселона.
Меси пристигна во Барселона како 13-годишно момче, дебитираше за првиот тим во 2004 година и постигна 672 гола на 778 настапи во сите натпреварувања.
Со Барселона, Меси освои 10 титули во Шпанија, седум Купа и четири Лиги на шампиони.