Македонија се соочува со катастрофа, загрозени се села и градови, горат илјадници хектари шуми, загрозени се животи и имоти на граѓаните, а Заев и министрите се на одмор, велат од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение.
Според нив, граѓаните се оставени сами да се борат со огнените стихии, додека половина влада вклучително и Заев уживаат на плажа.
-Три дена нема трага и глас од Зоран Заев. Неговата власт е одговорна што две години скапуваат во хангари авионите за гаснење на пожар. Неговата власт е виновна што надлежните институции не реагираа навреме пред пожарите да ескалираат. Се трошат пари за мебел, службени возила, повисоки хонорари и партиски вработувања, наместо да се обнови и зајакне капацитетот кој треба да ги штити граѓаните од пожарите“, се вели во соопштението.
Синоќа Владата донесе одлука за отстапување нафтени деривати од стоковните резерви без надомест, од Агенцијата за стоковни резерви.
Со одлуката, како што соопшти владината прес-служба, е задолжена Агенцијата за стоковни резерви да отстапи 5000 литри Еуродизел од стоковните резерви за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување, без надомест, заради справување со појавата на пожарите на територијата на Македонија, за противпожарните возила.
-Согласно Одлуката за постоење кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија и справување со непредвидливите последици Владата го задолжи Бирото за јавни набавки да даде согласност на Генералниот секретаријат на Владата да спроведе постапка со преговарање без објавување оглас согласно член 55 од Законот за јавни набавки, за набавка на 15 000 литри млазно гориво за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување, се наведува во соопштението.