Расте бројот на загинати во пожарите во Грција: Горат куќи и села

од Vladimir Zorba
245 прегледи

Не се гледа крај на катастрофата во Грција. Две лица загинаа, а пожарникарите и другите служби за итни случаи се борат со ширењето на огромни пожари во најпогодените области, северно од Атина и на островот Евбоја.

Во Грција веќе четврти ден беснеат пожари кои постојано се палат од силниот ветер. Полицијата вчера одела од врата до врата во предградијата северно од Атина, повикувајќи ги луѓето да се евакуираат. Огромен облак од црн чад надвисна над главниот град.

А бројот на загинати во Грција расте. АP објави дека вчера во Атина загинало едно лице, а медиумите денеска известуваат за нова смрт. ABC јавува дека електричен столб паднал врз еден пожарникар и го усмртил. Друга жртва е Константинос Михалос, претседател на Стопанската комора во Атина, кој беше пронајден мртов во фабрика зафатена од пожар.

– Ова е исклучително опасен пожар, тој е целосно непредвидлив – изјави началникот на грчката противпожарна бригада, Димитрис Статопулос.

Ситуацијата е, ако е воопшто возможна, уште полоша на островот Евбоја. Таму, стотици луѓе беа евакуирани со чамци поради шумски пожар што се приближуваше до крајбрежните области.

Вчера, посилните ветрови запалија веќе огромен шумски пожар северно од грчката престолнина. Пожарот, исто така, се закани на инсталација клучна за снабдувањето со електрична енергија во Атина, а пристапот до дел од автопатот беше прекинат.

Елени Миришвили, шеф на противпожарната служба во Атина, опиша апокалиптични сцени откако куќи и села гореле како резултат на пожар на североистокот од грчката престолнина во услови на продолжен топлотен бран.