Истакната македонска актерка Сабина Ајрула – Тозија, почина на седумдесет и пет годишна возраст по тешко боледување.
Актерката минатата година беше оперирана од тумор на мозокот, кој бил откриен сосема случајно додека и се слошило за време на снимањето на серија во Турција по што била итно оперирана.
Сабина Ајрула – Тозија остави зад себе бројни улоги по кои ќе ја паметиме, како од театарот така и од филмското платно.
Голем број од нејзините колеги се потсетија на неа и се збогуваа од својата колешка и пријателка на социјалните мрежи.
„За твојот 40ти роденден, во бифето на Драмски театар, после претставата, ти отпеав песна за тебе што ти ја напишав како подарок. Додека ти ја пеев со гитарата, ја имаше истата оваа насмевка, која нема никогаш да ја заборавам. Збогум Сабина…“, напиша актерот Игор Џамбазов на својот инстаграм-профил.
„Родена глумица со раскошен повеќедецениски репертоар на сцената и на филмот. Од Фатиме до Вера, до грандиозните турски продукции. Сабина, дама и пријател. Ретка ѕвезда на нашите простори. Сабина Ајрула Тозија (17.04.1946 – 10.08.2021)“, објави министерката за култура Ирена Стефоска.
„Си замина и таа, секогаш насмеана, неверојатно духовита, одличен партнер на сцена, непредвидлива, истрајна, бунтовна, вредна, достоинствена. Со неа секогаш се смеев, знаеше да виде луцидна и игрива…на сцена и приватно…многу ја сакав, ама многу“, се огласи Весна Петрушевска на „Инстаграм“.