Рускиот авиопревозник „Нордвинд“ во Скопје потпиша договор за соработка (11.8.2021 година) со ТА „Атлас плус“, членка на Македонско-руска стопанска комора. Со ставањето на потписите на договорот, реномираната туристичка агенција „Атлас плус“, стана генерален агент за продажба на авиобилетите на „Нордвинд“ за македонскиот пазар.
На деловниот настан на кој се официјализираше договорот и беше извршена презентација на услугите на „Норвинд“, покрај претставници на обете страни, присуствуваа и претставници од амбасадата на Руската Федерација во РСМ, меѓу кои и трговскиот советник Владимир Хрисанфов и конзулот на Руска Федерација во РСМ. Хизраев Шамил. На настанот присуствуваше и се обрати обрати и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на турозмот во Република Северна Македонија, Љупчо Јаневски. Чинот на потпишување на договорот, како и презентацијата се одвиваа пред одбрана публика и во присуство на претставниците на „Македонски дом“, Ина и Николај Жарови, претставникот на „Руски мир“ ‒ Артем Румјанцев, како и пред бројни претставници од туристички агенции и од деловниот сектор во РС Македонија.
Договорот го потпишаа Олга Флигина, директор за продажба на „Нордвинд“ и Глеб Богданов – менаџер за односи со агенции на „Нордвинд“ и Ирина Бешлиева, генерален директор на „Атлас плус“ од Скопје.
По потпишување на договорот, авиокомпанијата „Нордвинд“ ги презентираше своите можности и понудата на услуги. „Нордвинд“ ја воспостави директната линија Скопје-Москва на 4 јуни (оваа година) и ќе се одвива со по два лета неделно – во понеделник и петок. По 20-годишна пауза повторо се воспостави воздушната врска помеѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација.
Од авиокомпанијата „Нордвинд“ изјавија дека се задоволни што доаѓаат во уште една балканска земја и се надеваат на нови патници. За време на презентацијата тие ги најавија и своите летови за период ноември 2021 ‒ март 2022, како доказ за посветеноста и инвестицијата во овој пазар.
Воспоставувањето директна воздушна врска на релација Скопје-Москва, од страна на авиокомпанијата „Нордвинд“ наложи потреба од избор на агенција – генерален агент за продажба. Со денешното официјализирање на потпишаниот договор, целокупната понуда на „Нордвинд“ отсега и официјално е достапна преку реномираната туристичката агенција „Атлас плус“.
-Посебно е задоволството и честа, што нашата агенција е избрана од „Нордвинд“, што е потврда на нашата професионалност и 20-годишна работа во оваа област, но ова е воедно и голема обврска и предизвик. Среќни сме што може да дадеме свој придонес во збогатување на авио понудата за македонските патници, но сакам да истакнам дека ние со посебен фокус ќе работиме на зголемување на инкаминг туризмот, бидејќи нашата соработка е секако двонасочна и во корист на обете земји. Изразувам благодарност за поддршката и довербата од страна на тимот на „Нордвинд“ и верувам дека заедно ќе нижеме бројни успеси, – истакна пред присутните, Ирина Бешлиева, генерален директор на ТА „Атлас плус“.