Нашата поддршка за Дејтон е континуирана и продолжува. Дејтонскиот мировен договор и Уставот не даваат можност за разделување, и секое поткопување на Дејтонскиот договор би било предмет на последици, рече американскиот амбасадор во БиХ, Ерик Нелсон, во интервју за Ал Џезира.
– Граѓаните на БиХ секогаш можат да се потпрат на поддршката на САД, без оглед на администрацијата, нашите приоритети секогаш остануваат конзистентни – рече Нелсон.
Тој, исто така, ја коментираше реториката што доаѓа од ентитетот на Република Српска и забраната за негирање геноцид и други воени злосторства.
– Обвинувањата против цела нација, за кој и да се работи, е неприфатливо. Реториката што дополнително ги нагласува поделбите е опасна и велам дека повеќе луѓе треба да кажат: доста е, тука треба да застанеме. Измените на кривичниот закон наметнати од високиот претставник дојдоа по долга ескалација во однос на величење на воените злосторници, рече Нелсон.
Посочи дека САД ја поддржуваат казната за негирање геноцид и величење на воените злосторници.
Откри и дека САД ќе користат санкции за сите оние кои на кој било начин го поткопуваат напредокот на Босна.
– Можни се санкции и против оние кои го поткопуваат напредокот на Западен Балкан – рече Нелсон, додавајќи дека БиХ мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права.