Иако не е идеален, Охридскиот договор е документ што спречи повторување на босанското сценарио во Северна Македонија, спречи ново крвопролевање на Западен Балкан и им донесе на двете завојувани страни повеќе, отколку што двете загубија, изјави Дејан Азески, македонски историчар и публицист за „Ал Џезира“.
Азески, член на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) во Љубљана, го коментираше договорот потпишан на 13 август 2001 година. Охридскиот договор беше потпишан меѓу македонската Влада и претставниците на Албанците во Северна Македонија, со кој се регулираат правата на малцинските етнички заедници во земјата.
Договорот стави крај на меѓуетничкиот вооружен конфликт меѓу двете најголеми етнички заедници, Македонците и Албанците.
– Охридскиот рамковен договор, слично како и Дејтонскиот рамковен договор, воопшто не е идеален, а веројатно и не може да биде. Денес, тоа е документ од кој не се задоволни ниту Македонците, ниту Албанците, и да бидам искрен, има причина зошто. Но, сепак, тоа е документ што спречи да се повтори босанското сценарио во Северна Македонија.
Со голема и искрена почит кон неколкуте стотици семејства кои останаа без своите најблиски во конфликтот во 2001 година, можам да кажам дека Охридскиот договор е главната причина зошто овој број на жртви не се искачи на 50.000, и на потенцијалната масовна граѓанска војна што ни се закануваше. Затоа јас лично верувам дека добивме повеќе од овој договор отколку што загубивме – и ова се однесува на двете завојувани страни во конфликтот во 2001 година, вели Азески.
Постојано слушаме некои повици за ревизија на овој договор, па дури и за негово целосно исклучување од Уставот, но добро е што сето тоа доаѓа од политички маргинали, а главните политички сили се уште го поддржуваат овој договор. Се разбира, меѓународната заедница, особено САД, има голема улога во ова, и остана конзистентна сите овие години во поддршката на се што беше договорено пред 20 години, истакнува тој.
„Јас, како етнички Македонец (православен), целосно ги разбирам фрустрациите на моите сонародници од одредено „арогантно“ однесување на албанската етничка заедница врз основа на овој договор – но ниту јас, ниту мојот народ не треба да заборавиме дека Охридскиот договор ни помогна да ја зачуваме нашата држава во нејзините граници од 1944 година и досега да не загуби ниту еден метар земја. И тоа не е мала работа на Балканот“, истакнува публицистот.