Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) до Министерството за здравство (МЗ) и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) достави иницијатива за изработка на веб и мобилна апликација која ќе биде јавно достапна за медиумите и секој граѓанин со цел да може брзо и детално да се информира за актуелната состојба со Ковид-19 во земјава.
Изработката на вакво дигитално решение е клучно, особено кога според здравствените авторитети се очекува пораст на бројките на заразени лица, како и потреба од поширок опфат на имунизација со цел заштита од новите соеви на коронавирусот. Лесната достапност на актуелни податоци и анализи поврзани со состојбата на Ковид-19 во целата земја е истовремено клучна и за намалување на штетите кои ги прават ненаучните информации и теориите на заговор, кои дополнително го усложнуваат целокупниот процес на ефикасна борба со Ковид-19.
„Само информирани граѓани може да бидат партнери во националната борба со Ковид-19. И тука активната дигитална транспарентност на надлежните институции е од суштинско значење. Огромна улога во целиот процес имаат медиумите кои до овој момент немаат можност за пристап до дигитална платформа преку која во секое време ќе ги имаат податоците кои им се неопходни со цел информирање на граѓаните и вршење на својата професионална дејност. Ако табелата со број на заразени, оздравени и починати лица која на дневна основа ја објавува МЗ беше важна алатка и новитет пред 15 месеци, денес е потребно многу повеќе од тоа, бидејќи тоа е единствениот начин како да се осојузиме сите во заедничка борба со коронавирусот. Сметам дека како одличен пример треба да ја следиме праксата на Центарот за превенција и контрола на болести (CDC) на САД“, посочи Бојан Кордалов, комуниколог и раководител на Програма при ИДУЕП.
Предлогот на Институтот е брзо организирање на Предизвик за изработка на ИТ решение за дигитална транспарентност на јавни податоци поврзани со Ковид-19 кое ќе се базира на широка транспарентност, а како еден од главните репери за содржините при изработката на оваа веб страна и мобилна апликација може да се земе Американскиот Центар за превенција и контрола на болести – CDC: https://covid.cdc.gov/covid-data-tracker/. Предлагаме овој Предизвик да биде реализиран целосно во период од неколку недели до 2 месеци, финансирањето да биде обезбедено преку МЗ и ФИТР, а реализацијата да биде во соработка со МАСИТ, односно да биде избрано најдоброто решение кое ќе биде предложено од страна на ИТ компанија или конзорциум. Препорачуваме, во јавниот повик за овој Предизвик да биде вклучен услов секоја заинтересирана компанија да го развива своето предлог решение заедно со студенти од некој од ИТ факултетите во земјава. На овој начин ќе се даде шанса на младите луѓе да стекнат практични знаења од својата струка, да се поврзат бизнис и академската заедницата и најважно да се даде стимул на младите луѓе да учествуваат во градењето на големи национални проекти, што е клучно за нивно мотивирање да ја гледаат перспективата во својата земја, бидејќи им дава шанса да придонесуваат и да се реализираат.
„Факт е дека мерките за борба против коронавирусот може да ги носат само стручните лица од доменот на медицината. Но, истовремено, за да која било мерка успее потребно е да се спроведе од секој граѓанин. Ова е уште една причина плус зошто е неопходен широк досег на сите јавни информации и тоа во дигитален формат, односно достапно и ажурирано 24 часа во текот на денот. Ова е пракса што подолг период веќе се спроведува во демократските земји во светот. Сметам дека и кај нас има волја тоа да се спроведе, а дека оваа иницијатива ќе се искористи со цел реализација на оваа дигитална веб и мобилна апликација за многу кус период. Со други зборови, најсилното оружје на јавните институции во борбата со теориите на заговор и ненаучните вести во вакво време е активната и дигитална транспарентност, што претставува една од основните постулати на доброто управување. Колку поинклузивна комуникација водиме со граѓаните и колку понавремено медиумите ги имаат неопходните информации, толку повеќе човечки животи ќе спасиме и толку подобро ќе се позиционираме како општество во битката против Ковид-19. Една мала и едноставна дигитална алатка може и ќе ја зголеми заштитата и отпорноста од овој вирус кој целосно ги промени нашите животи“, истакна Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во ИДУЕП.
Дел од постојано и лесно достапните информации кои преку оваа веб платформа/мобилна апликација во дигитален формат би требало да се достапни:
1) Број на заболени и хоспитализирани, процент на заразени според различни соеви, степен на моментален ризик според светски стандарди, број и процент на заразени, починати и оздравени според пол и возрасни групи, вкупен капацитет и слободни места во болниците
2) Вакцинација според возрасни групи, пол, различни групи, процент на вакцинирани лица, како и тип на вакцини со кои се вакцинирани, вкупен број на аплицирани вакцини, како и вкупен број на расположливи вакцини (дополнително и според производител)
3) Колку од новозаразените лица биле вакцинирани, од нив колку целосно, а колку со една доза, како и со која вакцина; колку од новозаразените биле претходно прележани, односно имале веќе позитивен Ковид-19 тест; Колку од вакцинираните и претходно прележаните од Ковид-19 моментално се во болница поради компликации од Ковид-19
Сите податоци е неопходно за почеток да нудат можност за преглед според вкупен број на ниво на држава, како и по општини.