Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во петокот ги објави номинациите за најдобри играчи по позиции во Лигата на шампионите минатата сезона, а се очекува да доминираат членовите на шампионите, Челси и финалистите – Манчестер Сити со пет, односно три номинации.
За најдобар голман беа номинирани Едуард Менди од Челси, Едерсон од Манчестер Сити и Тибо Куртоа од Реал Мадрид.
Во конкуренција за најдобар дефанзивен играч се двајца играчи на Челси, Цезар Аспиликуета и Антонио Рудигер, и еден од Сити, Рубен Диас.
Двајца играчи на Челси, Жоргињо и Н’Голо Канте, исто така се натпреваруваат за најдобар играч од средниот ред, а конкуренција им е играчот на Сити, Кевин Де Бруин.
Сепак, во конкуренција за најдобар напаѓач нема играчи на Челси и Сити, откако тука се Роберт Левандовски од Баерн, Килијан Мбапе од Париз Сен Жермен и Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд.
Добитниците на наградите ќе бидат објавени за време на ждрепката за групи во Лигата на шампионите, што ќе се одржи на 26 август во Истанбул.