Следат неколку недели во кои ситуацијата може да биде навистина критична, рече Филипче

од Vladimir Zorba
141 прегледи

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека бројот на новодијагностицирани и хоспитализирани поради болеста нагло расте и дека во следните недели ситуацијата може да биде критична.

Сепак, тој уверува дека здравствениот систем е подготвен за новиот бран. Потенцира дека имунизацијата е безбедна, ефикасна и ефективна, а како факт посочува дека само десет проценти од вкупно 3497 новодијагностицирани во последата седмица се имунизирани со една или со двете дози.

-Бројот на новодијагностицирани, но и бројот на пациенти, генерално во државата во последните денови нагло расте. Ако ја гледаме динамиката со која што бројот се зголемува можеме да кажеме дека следуваат неколку недели во кои ситуацијата може да биде навистина критична, рече Филипче, кој денеска беше во посета на Општата болница во Охрид каде разговарал со директорите на болницата и Центарот за јавно здравје за состојбата со болни, подготовка на капацитетите и евентуалниот прием на болни од други градови.

Зголемување на бројот на новодијагностицирани и на хоспитализирани пациенти има посебно во неколку градови како што се Тетово, Гостивар, Кичево, Куманово…

-Тука се исполнуваат инфективните одделенија, дел од пациентите се префрлаат во Скопје. Инфективната клиника е пополнета со овие пациенти, секако и со дел од пациенти кои се дијагностицирани во градот Скопје. Сега се активираат останатите центри. Системот е спремен, лекарите во тимовите за ротација. Спремни сме да го дочекаме притисокот од овој бран, рече Филипче.

Слични содржини