Талибанскиот службеник Анамулах Самангани најави општа амнестија за сите во Авганистан и ги повика жените да се приклучат на нивната влада, пренесе Танјуг.
Самангани, член на културната комисија на Исламскиот емират, името што го користат талибанците за Авганистан, го изјави ова денеска за државната телевизија, која сега е под нивна контрола, пренесува АП.
„Исламскиот емират не сака жените да бидат жртви“, изјави талибански претставник.
Тој додаде дека структурата на новата влада се уште не е целосно позната, но врз основа на претходните искуства, треба да има целосно исламско раководство и сите страни да бидат вклучени во неа.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, Малала Јусафзаи изјави денеска дека е длабоко загрижена за ситуацијата во Авганистан, особено за безбедноста на жените и девојките и ги повика светските лидери да преземат итни мерки.
Таа рече дека американскиот претседател Џозеф Бајден мора да преземе храбар чекор за да го заштити авганистанскиот народ по победата на Талибанците, додавајќи дека се обидува да допре до неколку светски лидери.
Малала, сега 23 -годишна, едвај преживеа откако пакистански талибански напаѓач ја застрела во главата во 2012 година поради нејзината кампања против негирање на образованието на жените.