WhatsApp се обидува да открие дали Талибанците ја користат таа апликација за пораки за да воспостават контрола над Авганистан, и ако е така, како да ги блокираат.
Талибанците испратија предупредувања преку WhatsApp до жителите на Кабул кога тие ја презедоа контролата врз градот во неделата, пишува „Вашингтон пост“.
Меѓутоа, имајќи предвид дека Талибанците се под санкции на САД, американскиот WhatsApp мора да најде начин да ги спречи Талибанците да ја користат апликацијата.
„Имаме должност да ги почитуваме американските закони за санкции“, рече портпаролот на WhatsApp.
„Ова вклучува блокирање сметки што се чини дека се официјални сметки на Талибанците. Бараме дополнителни информации од релевантните американски власти, земајќи го предвид развојот на ситуацијата во Авганистан“, додаде тој.
Бидејќи WhatsApp користи end-to-end енкрипција, компанијата не може да чита пораки испратени преку апликацијата. Затоа, се потпира на други идентификатори за да утврди дали Талибанците ја користат апликацијата, како што се фотографии, имиња, описи на профили и слично.
Челникот на Инстаграм, Адам Мосери, за „Блумберг“ изјави дека неговата компанија, како и сопственикот на Фејсбук, проактивно работат на отстранување на талибанското присуство на тие социјални мрежи.
„Ситуацијата брзо се менува и сигурен сум дека ризикот ќе се промени соодветно. Ќе треба да го измениме начинот на работа и она што го правиме за да одговориме на променливите ризици што произлегуваат“, рече тој.