Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на македонска територија доколку претходно на граничниот премин приложат потврда за примени две дози од вакцина против ковид-19, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена или негативен ПЦР тест, направен најмногу 72 часа претходно, соопшти Владата.
Оттаму додаваат дека на македонските граѓани кои ќе влезат во државата без ваква потврда или негативен ПЦР тест, ќе им се одреди мерка карантин од седум дена, со решение за домашна изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Исклучок од ова правило ќе бидат странските државјани кои транзитираат низ земјата, кои ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влез во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излез од земјата.
Досега во земјата се направени вкупно 1.073.017 тестирања на ковид-19. Вкупно ковид дијагностицирани досега се 163.452, од кои оздравени се 151.144, починаа 5.574, а активни се 6.734 болни.