Еве како да докажете дека сте вакцинирани за да може да влезете во кафеана или трговски центар

од Берта Китинска
463 прегледи

Од денес на сила стапија нови мерки. Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни гости, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина против Ковид -19 или

– сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе лица, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 гости, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на Ковид-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Од Министерството за здравство вчера информира дека на вакцинираните граѓани на располагање им се ставени повеќе опции со кои може лесно да стигнат до документ дека се вакцинирани.

-Веќе од вчера, во угостителски објекти или на други настани, каде има повеќе од 30 луѓе, дозволен е влез само за граѓани кои се вакцинирани, со две дози вакцина, примиле една доза вакцина, или пак прележале Ковид 19, пред 45 дена.

Потврдата за прележан Ковид 19, може да ја извадат единствено граѓани кои се заведени во ИЈЗ дека биле заразени со вирусот, а потврди освен на vakcinacija.mk, може да извадат и кај својот матичен лекар.

Националниот сертификат за вакцинација, исто така може да го извадат од сопствениот профил на веб страницата vakcinacija.mk, а сличен е принципот и за вадење на CommonPass,за кој има и мобилна апликација, а со која исто така може да влезат во објектите опфатени со мерките.

Министерството за здравство апелира и ги повикува граѓаните да се вакцинираат. Вакцинацијата е единствен начин да постигнеме колективен имунитет, мерките кои се практикуваат од вчера не се никаква дискриминација, туку се неопходни за да се заштити јавното здравје, соопштија од МЗ.

Слични содржини