Во врска со новите рестриктивни мерки, според кои без сертификат за примена барем една доза на вакцина не може да се влезе во угостителски објект ниту да се присуствува на организирани настани, министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека целта на таквата мерка е да се стимулира вакцинација на населението бидејќи очигледно е дека вирусот најмногу се шири во местата во земјава каде процентот на вакцинирани е низок. Тој додаде дека и сите студии потврдуваат дека вакцината е единствената сигурна алатка за борба со вирусот во моментов, и дека единствено вакцините штитат од болеста или спречуваат тешки здравствени компликации и смртен исход.
За мерките кои вчера ги донесе Владата, министерот потсети дека без сертификат за примена вакцина или за прележана болест не може да се присуствува на места каде има гости или учесници на настани, единствената разлика, рече, е дека треба да се организира редарска служба таму каде што има над 30 посетители.