Огласот за попишувачи отворен – се нуди хонорар од 45.000 денари

од Берта Китинска
424 прегледи

Сите заинтересирани кандидати за реонски попишувачи можат да се пријават на онлајн апликацијата достапна на www.stat.gov.mk и popis2021.stat.gov.mk до 25 август.

Бидејќи тестирањето на досега пријавените кандидати ќе се спроведе на 19 и 20 август, за сите пријавени кандидати во периодот од денес (18.08.2021) до 25 август, ќе биде организирано дополнително тестирање, соопшти Државниот завод за статистика.

Списоците на досега пријавените кандидати и информациите за времето и местото на тестирање се објавени во комисиите на пописните реони. Контактите со овие комисии и дополнителни информации поврзани со тестирањето се достапни на линкот: https://popis2021.stat.gov.mk/PopisniReoni.aspx.

Премиерот пред некој ден информираше дека пописот нема да се одложи.

„Пописот е веќе договорен, по барање на сериозен учесник во нашето општество, а тоа е најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Толеранцијата е доблест на владејачките партии, на чело со СДСМ, кои тоа го прифатија и еднаш го одложивме пописот што сега ќе се спроведе од 5 септември“, изјави  премиерот Зоран Заев.

Попишувачите за 25 дена анкетирање ќе можат да земат од 25 000 до 45 000 денари, но сепак постои слаб одзив кај граѓаните. Надлежните апелираат граѓаните да се пријават како попишувачи, посебно во реоните каде што има дефицит.

Статистичката операција треба да започне на 5 септември и да трае до крајот на месецот.

Слични содржини