Ние како Главен штаб за управување со кризи, низ разговор со ЈП „Национални шуми” сугериравме олабавување на целосната забрана за движење во шумите. Од вчера, оваа целосна забрана не важи за физички и правни лица кога имаат итна и неопходна потреба за движење во шума по претходно издадена дозвола за движење од ЈП „Национални шуми”, појасни директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
– Во очекување сме на нови врнежи. Врнежите доколку се појават во следните денови постои можнсот за целосно укинување на оваа забрана, но се дотогаш мора да бидеме внимателни. Во практика се покажа дека зголемената свесност кај граѓаните е она што помогна да се намали бројот на пожари и координираното дејствување на нашите институции, рече Ангелов.
Тој информира дека денреска имале средба со тројца припадници на шумските служби на САД кои доаѓаат од различни сојузни држави. Потенцира дека нивното искуство, особено нивната тактика и стратегија за нас како држава и за ЦУК може да бидат многу значајни. – Договоривме продолжување на оваа соработка преку праќање нивни инструктури во Македонија или одење на наши луѓе од делот на Противпожарна заштита на тренинг во Америка, рече Ангелов.
Лицата кои имаат потреба, како што се планинарите, параглајдеристите и други луѓе коишто организирано се движат во природа може да побарат дозвола за движење во планините, односно во шумите од локалните подружници на ЈП „Национални шуми” коишто ги има во сите градови низ државата. Во Скопје оваа подружница се наоѓа во општина Аеродром.