Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски денеска остварија средба со Даниел Браун регионален директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС) и Давор Пашовски, претставник на КАС Македонија.
На средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба, како и за ситуацијата поврзана со КОВИД-19 пандемијата и новонастанатата ситуација со бегалците од Авганистан.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека „Македонија нема капацитет и не е подготвена да прими толку многу лица од Авганистан“ бидејќи власта предводена од СДСМ „не може да обезбеди услови за живот за македонските граѓани, камо ли за останатите“.
Во однос на КОВИД-19 пандемијата, Мицкоски посочил дека власта „заради личните интереси задоцни со набавката на вакцини и со месеци доцнеше процесот на имунизација, за да сега носи мерки кои уше повеќе создаваат поделби во општеството кои ги лишат дел од граѓаните од основните права и слободи, а истите лошо се одразуваат и на бизнисот кој едвај преживува периодов“.
На средбата се разговарало и за претстојните локални избори при што е договорено продлабочување на соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и КАС преку обуки и семинари за идните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во општините во Македонија.