Кога Шилегов се фали дека нешто набавил, нека се присети дека да не беше ВМРО-ДПМНЕ сега уште ќе се возеа старите автобуси од пред 40 години по улиците на Скопје. Градските власти од ВМРО-ДПМНЕ купија 310 автобуси за ЈСП, или 3 пати повеќе од тоа што се фали Шилегов дека купил како возила за сите градски претпријатија, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, откако градоначалникот Петре Шилегов објави дека јавните претпријатија на Град Скопје во изминатите четири години заедно имаат набавено повеќе од 130 нови возила – механизација, целосно со буџетски средства од Град Скопје, без донации и помош.
Според неа, во време додека ВМРО-ДПМНЕ управуваше со Град Скопје набавени се 100 возила само за ЈП „Комунална хигиена“, во чиј состав влегуваат камиони за собирање на смет, чистење и миење на улици, и тоа е најсовремена опрема каква што имаат и големите европски метрополи.
-Во ЈП „Паркови и зеленило“, ВМРО-ДПМНЕ има набавено 10-тина возила и над 50 косилки, како и тракторска косилка и камион за пресадување на дрва која е машина каква што претходно немала Република Македонија. Десетици возила се купени и за ЈП „Градски паркинг“ и за „Дрисла“ каде се купени утоварувачи и машини за пресирање на сметот. Ова е 4 пати повеќе од тоа што се фали Шилегов дека го купил. Тоа е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ 4:1, вели Митева.
-ЈСП Скопје е побогато за 33 нови МАН автобуси и десет нови комбиња кои пристигнуваат за две недели. ЈП Комунална хигиена набави 51 ново возило, меѓу кои 21 ново комунално возило за собирање смет, нови автоцистерни и метларки. ЈП Водовод и канализација набави 21 возило, меѓу кои две цистерни под притисок и две за вакуум, нови две теренски возила и 11 товарни возила и градежни машини. ЈП Улици и патишта набави над 14 нови возила, ЈП Паркови и зеленило набави седум нови возила. ЈП Градски паркинг има пет нови возила „пајаци“ за подигање неправилно паркирани возила и една нова машина за чистење на снег. ЈП Дрисла ја вративме во Скопје и финансиски ја консолидиравме, меѓутоа успеавме и да набавиме нови теренски возила. Она што е нешто најдобро во комуналните возила, е новата противпожарна скала. Прво вакво возило и опрема на територија на цела држава, меѓутоа и прво возило што градот, кажа денес Шилегов.