Милановиќ: Би примил дваесетина Авганистанци

од Nikola Popovski
248 прегледи

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска оцени дека бегалците од Авганистан треба да заминат во најголемите земји, пред се во САД, додека Хрватска може да прими „мал број луѓе“.

„За мене е нејасно и неприфатливо кога некој вели дека никогаш нема. Секогаш треба да покажувате хуманост, но и да се грижите за вашите интереси. Не сум за тоа да кажам не, но има ограничувања. Нашата граница не е премногу растеглива, затоа би примил дваесетина луѓе“, прецизира Милановиќ.

Тој рече дека „секогаш ќе вдоми мал број луѓе“, но додаде дека „сите тие треба да најдат место во САД“.

„Можеме симболично да примиме помал број луѓе. Не е веќе 2015 година, работите се променија, јас тогаш се однесував на еден начин, сега би се однесувал на друг начин, но сега нема таква криза “, рече Милановиќ, пренесува Хина.

Тој оцени дека одлуката за повлекување на странските војници од Авганистан не е спорна, но дека се направени грешки при планирањето на излезот од таа земја и евакуација на авганистанските соработници на меѓународните сили.

„Ова не е грешка во стратегијата, ова е грешка во планирањето и извршувањето. Одамна е познато дека треба да се напушти Авганистан, Бајден го наследи она што му го остави Трамп, а и тој самиот беше за повлекување“, рече Милановиќ.

Тој потсети дека Хрватска се повлече од Авганистан пред повеќе од една година.

„Реков дека ќе го сторам тоа како врховен командант за време на кампањата, владата немаше проблеми со тоа, јасно беше дека треба да се заврши. Имав среќа што бев еден од оние што ги испратија нашите војници во 2003 година, и на крајот, тој што донесе одлука да не го продолжува повеќе“, рече Милановиќ.

Слични содржини