Сојузот на синдикатите на Македонија во соработка со Германскиот сојуз на синдикати – DGB (најголемата синдикална централа во Германија) преку проектот Faire-Mobilitaet, за работниците кои се заминати на работа или планираат да заминат на работа во Германија, овозможува истите да добијат бесплатна правна помош и совети за нивните работнички права кои треба да ги имаат при работа во таа земја.
Согласно информациите кои стигнуваат до ССМ од сѐ поголемиот број на работници кои заминуваат на работа во Германија, како и информациите кои што ги добиваме од колегите од Германскиот сојуз на синдикати – DGB, работниците имаат потреба од синдикална заштита, како и право на бесплатна правна помош, а ССМ како единствен синдикат кој води грижа за македонските работници, како во државата, така и во странство, го овозможува тоа.
-Денеска на оваа тема се одржа и состанок на кој учествуваа Барбел Маух од проектната канцеларија на Faire-Mobilitaet при DGB, Слободан Трендафилов, Шеф на кабинетот на Претседателот на ССМ, Иван Пешевски, Претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија и Ирена Ивановска, Советник за меѓународни односи во ССМ.
На состанокот е договорено во најскоро време информациите за македонските работници на веб страните на нашите германски колеги да бидат достапни и на македонски јазик со цел навремено и детално информирање за работничките права во Германија.
Повеќе информации за работничките права, како и контакт информации за бесплатната правна заштита може да се добијат на https://www.fair-arbeiten.eu/, https://www.faire-mobilitaet.de/ .
Активностите на ССМ продолжуваат со несмалено темпо, соработуваме со нашите колеги од европските држави, со цел нашите работници да ги уживаат истите работнички права како и работниците во ЕУ.
ССМ покажува дека е лидер на синдикалното движење во Македонија, како најстариот и најброен синдикат во државата. Оваа лидерска позиција ССМ успева со напорна работа, пред сѐ на терен со членството, да ја задржи сите овие 75 години од формирањето.
75 години, правната заштита на работниците е наш приоритет!, стои во соопштението на ССМ.