По повеќе од девет месеци или кон крај на минатата година кога во сите земји стартуваше вакцинацијата против корона, во Македонија ништо не беше на повидок ниту вакцини, ниту пак како да се стимулираат граѓаните да се вакцинираат. Сега, повеќе од десет месеци по тоа, Зоран Заев и Венко Филипче решија да организираат кампања за да ги поттикнеле граѓаните на вакцинација, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција на премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче за стартувањето на кампањата за вакцинација.
Според нив, Филипче и Заев ако сакаат да ги мотивираат граѓаните има милион начини како да го сторат.
-Поради нивната неспособност се случи и четврти бран, поради нивна неспособност не е организиран здравствениот систем за ниту еден бран од почетокот на пандемијата, поради нивната неспособност бројката на починати од корона се движи кон шест илјади починати, соопштија од најголемата опозициска партија.
Да го спречиме губењето нови човечки животи, да ги вратиме насмевките на нашите лица, да ги одмориме лекарите, болничарите и медицинските сестри, повторно да одиме на културни настани и спортски натпревари, да го вратиме животот повторно во нормала. Ова се само некои од пораките на владината кампања „Вакцинирај се“ што почна денеска и ќе трае во наредните неколку месеци.
Како што соопштија премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, промовирајќи ја кампањата, целта е и спречување на дезинформациите и на сите лажни митови за вакцините што се шират во јавноста.