Не се плашев од смртта. Се плашев да не ме фатат, да ме развлекуваат и да се потсмеваат на телевизија, а потоа да ме силуваат и да ме фрлат пред милиони луѓе како да сум парче месо – изјави Аријана Сајед (36), авганистанска поп sвезда која беше меѓу „среќните“ кои успеаја да побегнат од Авганистан откако радикалните талибанци ја презедоа власта.
Се бори за човекови права
Аријана е позната пејачка и водителка на авганистанското музичко шоу „The Voice“, а својата популарност ја искористи за да ги инспирира другите жени да ги следат нивните соништа и страст за музика и да се борат за човекови права, па доби бројни смртни закани, некои дури и директно од Талибанците.
– Толку пати сум била на работ на смртта. Тајната служба ме предупреди дека во Кабул циркулира автомобил -бомба испратен да ме убие, а потоа платија жена да ме убие додека снимав емисија на националната телевизија. Таа беше само десет метри подалеку од мене, и кога ја интервјуираа во затвор, рече дека ќе повтори се ако биде ослободена. Најтажно е што жени сакаат да повредат жени – изјави Аријана, една од ретките жени кои успеаа да се качат на авион со својот свршеник, и откри како изгледаше да се качи на авион во главниот град на Авганистан.
– Првиот ден кога пристигнавме на аеродромот не можевме да се качиме на авионот. Беше хаотично. Талибанците застанаа неколку метри подалеку од нас, држејќи ги рацете зад грб и гледајќи ги луѓето. Еден од нив дојде пред мене и во тој момент, иако бев целосно покриена, имав чувство дека тоа е мојот крај, дека ме препознаа – започна пејачката.
Следниот ден, Аријана пристигна на аеродромот со својот свршеник, менаџерот Хасиб Сајед, во одделни автомобили полни со деца и жени.
– На пат кон авионот има неколку пунктови, а ние бевме запрени на еден од последните. Бидејќи беше ноќ, ги вклучија светлата и проверија кој се наоѓа во автомобилот. Се тресев, беше толку драматично. Седнав во аголот, се молев и се надевав дека нема да ни ги побараат документите или имињата, и кога ги видоа децата, не пуштија.
Конвојот за да се качи на авионот бил долг неколку километри, многу луѓе дошле со надеж дека ќе ги пуштат без пасоши, луѓето паѓале во бесознание, а детето што стоело покрај пејачката со неговата мајка плачело толку многу што пејачката мислела дека ќе умре, па таа одлучила да го земе во раце.
– Веќе беше многу доцна, а авионот беше речиси полн. Бидејќи бев на ред да се качам, еден американски војник ме праша дали детето е мое. Бев во дилема. Што ако кажам дека детето е мое? Дали ќе ја пушти мајка му да си оди? Ја кажав вистината, а војникот го врати детето на мајката и го затвори влезот. Таа сцена целосно ме скрши“, додава Аријана, која била последната личност што се качила на авионот таа ноќ, и ова не е првпат да мора да избега од својот дом.
Бомба пред куќата
Во раните 2000 -ти години, пејачката избега со своето семејство во Велика Британија, откако бомба падна пред нејзината семејна куќа.
– Родена сум во Кабул, но морав да го напуштам Авганистан со моето семејство на осумгодишна возраст, откако падна бомба во дворот на нашиот семеен дом. Прво отидовме во Пакистан, потоа во Швајцарија, но тие одбија да нe примат, па се упативме кон Обединетото кралство, каде што не прифатија неволно и секогаш ќе им бидам благодарна за се што ни дадоа – рече Аријана, која испрати отворено писмо до британскиот премиер Борис Џонсон во кое таа го моли да не го заборави Авганистан.
Пејачката моментално е во Вашингтон со својот сопруг, а пред да замине за Турција, каде што купија куќа пред неколку години, Аријана ќе го посети семејството во Лондон.
– Купивме куќа во Истанбул за да бидеме поблиску до нашата татковина. Турција беше одлична опција за работа и одмор, но ние го поминавме поголемиот дел од времето во Кабул.
Пред само еден месец, Аријана отвори свој моден бренд и отвори продавница во Кабул, но мораше да го остави тој сон зад себе.
– Лицата на луѓето кои останаа затворени зад металните шипки на аеродромот во Кабул засекогаш ќе останат врежани во моето сеќавање. Иако успеав да избегам, никогаш нема да ја заборавам татковината и мојот народ. Преку музика и работа, ќе продолжам да ги инспирирам жените и моите сонародници. Не сум сигурна каква е судбината на оние што останаа во Авганистан, но сакам да им порачам да останат силни и никогаш да не се откажуваат – заврши Аријана.