„Нема поблагороден чин од органодарителството“: Извршена петтата трансплантација на срце

од Берта Китинска
290 прегледи

Вчера беше извршена експлантација на срцето и бубрезите на 42-годишна пациентка, која имала спонтано крварење во мозокот, и како што рече Филипче, сопругот и братот ја испочитуваа нејзината волја која ја искажала уште за време на животот, ако нешто ѝ се случи, нејзините органи да бидат донирани.

Трансплантацијата на срце е извршена кај 66-годишен пациент за кој немало друга алтернатива и чие срце работело со помалку од 20 проценти, а трансплантациите на бубрези се извршени кај двајца 40-годишни пациенти кои оделе на дијализа.

Пациентот на кого му е вградено новото срце е на респираторна машина, а веќе треба да започне процесот на будење. Оваа фаза, како што посочи Филипче, е критична, но се надева дека пациентот ќе ја надмине и нема да има позначајни компликации.

Директорот на Клиниката за кардиохирургија Сашко Јовев изјави дека операцијата поминала добро и дека пациентот засега е добар.

– Се надеваме дека така ќе остане и понатаму, рече Јовев.

За националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова Мијовска, нема поблагороден чин од органодарителството.

– Со самите дела што ги правиме и кампањата што ја започнуваме во однос на подигнување на свеста на органодарителството видиме дека фамилиите разбираат за што зборуваме и знаат дека доколку се работи за мозочна смрт, останува дел од нивниот близок кој ќе работи во друго тело, изјави Мојсова-Мијовска.

Слични содржини