КСЗД: Содржините со кои ЛГБТИ луѓето се претставуваат како болни и штетни за општеството претставуваат дискриминација

од Берта Китинска
294 прегледи

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по претставка од Коалицијата МАРГИНИ и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) утврди вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, како форма на дискриминација со пишување и објавување на колумната „Простете геј другари, не е до хормоните, до логиката е!”. Колумната беше објавена на неколку електронски портали, Tribuna.mk, Misli.mk и Temite.mk и беше споделена на нивните Фејсбук-страници, на кои повеќе лица се надоврзаа со експлицитен говор на омраза.

Комисијата препозна дека вознемирувањето е сторено со пишување и јавно објавување на текстот на електронските портали, а дополнително на тоа, и со овозможувањето на трети лица да објавуваат вознемирувачки, застрашувачки и заканувачки коментари под Фејсбук-објавата. Со спорните содржини ЛГБТИ луѓето се потретираат како штетни за општеството, a хомосексуалноста се квалификува како болест и се споредува со педофилијата. Тонот во текстот е дискриминаторски, полн e со омраза, со презир и со неодобрување на ЛГБТИ луѓето, и го негира основното човеково право – правото на мирен собир на оваа маргинализирана заедница. Коментарите под објавите вклучуваат и јасни повици за насилство кон ЛГБТИ луѓето: како пораки кои порачуваа третман врз ЛГБТИ луѓето каков што доживеаја активистите на Парадата на гордоста во Турција, каде се соочија со полициска бруталност, како повици за смрт, нивно квалификување како ненормални и општествено штетни, именување на борбата за ЛГБТИ права како „агресивна пропаганда”, па дури и објавување на слика од куршум кој се нуди како решение на проблемот со ЛГБТ луѓето и слично.

Мислењето на Комисијата се темели на Пресуда донесена од страна на Европскиот суд за човекови права „Beizaras and Levickas v. Lithuania” (Жалба бр. 41288/15), во која Судот оценил дека дури и еден коментар со омраза под објава на социјална мрежа е доволен за тој да биде сфатен сериозно доколку објавата има голема онлајн видливост. Комисијата токму на ова ја темели одговорноста на порталите да не овозможуваат ширење на дискриминаторски и вознемирувачки говор на своите портали.

Со носењето на ова Мислење, Комисијата дава јасна границата на слободата на изразувањето, гарантирана со член 10 од Европската конвенција за човековите права, со вознемирувањето преку повреда на достоинството на лицата кон кои е насочен таквиот говор. Не оспорувајќи го правото на авторот да креира своја содржина, Комисијата праќа порака дека секој мора да внимава во своите дела да не таргетира лица заради дискриминаторски основи, што понатаму би можело да предизвика повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика за овие лица. Особено е значајно што се потенцира дека оваа обврска ги опфаќа и социјалните медиуми, и се однесува истовремено на нивни содржини, но и на преземање на содржини од други извори.

Слични содржини