Заеднички гробници со остатоци од илјадници луѓе убиени во чистките на Сталин во триесеттите години од минатиот век беа пронајдени во Одеса, јужна Украина, една од најголемите такви масовни гробници во земјата, соопштија властите.
До денес, 29 гробови со посмртни останки на пет до осум илјади луѓе се пронајдени на површина од речиси пет хектари, во близина на аеродромот во Одеса, изјави за АФП Сергеј Гукалук, шеф на регионалната канцеларија на Институтот за национално сеќавање, објави Хина.
Но, тој број може да расте уште повеќе додека продолжува ископувањето.
Остатоците се пронајдени откако локалните власти наредија пробен ископ за да се одобри работа за проширување на аеродромот, бидејќи веќе беа пронајдени масовни гробници на местото.
Гучаjук рече дека жртвите, жителите на таа област, од страна на НКВД, советската тајна полиција, претходникот на КГБ, најчесто биле стрелани во задниот дел на главата. Жртвите биле погубени помеѓу 1937 и 1939 година, за време на владеењето на Сталин.
Според него, нема да може да се идентификуваат жртвите бидејќи Москва, која ги чува документите за овие чистки како тајни, „нема да ги предаде“ на Украина поради тензиите меѓу двете земји.
За време на пробните ископувања во 1993 и 2008 година, беа откопани речиси 1.600 останки, рече Гучаjук.
Според украинските историчари, стотици илјади Украинци биле егзекутирани или затворени во логори „гулази“ за време на чистките на Сталин во 1930 -тите.
Едно од најозлогласените места за масовни егзекуции е шумата во близина на селото Бикивнија, недалеку од Киев, каде што се убиени и погребани десетици илјади жртви од 1937 до 1941 година.
Милиони Украинци, исто така, загинаа во вештачки креираниот глад (Холодомор) од 1932 до 1933 година, што Украинците го сметаат за геноцид, по наредба на Сталин да го задуши наводниот украински национализам.