Канарските острови – седиште на нарко кланови од Балканот

од Vladimir Zorba
409 прегледи

Криминалните кланови од Балканот и Албанија ги користат Канарските Острови за да прошверцуваат кокаин во Европа, а според шпанските медиуми, тие купуваат килограм кокаин за 3.000 евра, а потоа го продаваат на Стариот континент за повеќе од 25.000 евра.

Според весникот „Леџо Тенерифе“, алармот бил активиран на почетокот на август, кога шпанската цивилна гарда уапсила четворица членови на црногорскиот „шкаљарски“ клан со повеќе од 400 килограми кокаин и 400.000 евра во готово, но и конфискувала бројни кодирани телефони и луксузни автомобили.

Наводно, групата увезла големи количини на дрога, која била складирана во остави во луксузни имоти, лоцирани главно во Тенерифе, од каде што била дистрибуирана во помали количини во Европа.

Иако Министерството за внатрешни работи не го откри потеклото на наркотиците, за да не се загрози понатамошната операција, се смета дека е испратена од Јужна Америка од граѓани на некои балкански земји, пишува порталот „Инсајт Крајм“.

Порталот, кој се смета за најсериозна платформа за анализа на организираниот криминал во светот, неодамна објави дека бројот на „криминални емисари“ од Црна Гора, Србија и Албанија во Јужна Америка, кои организираат пратки на кокаин до европските дестинации на нивните криминални ќелии, се зголеми во последните години.

Тие се задолжени лично да контактираат со локалните производители на наркотици за да обезбедат најдобра цена.

Албанскиот картел „Компанија Бело“, чиј лидер управува со операции од затворите во Еквадор, се споменува како еден од најуспешните криминални кланови на тоа поле, а исто така е наведено дека албанските кланови доминираат во трговијата со кокаин во европските земји.

Слични содржини